|
Тicket To Ride рецензија од Јане Неделковски (01.2010) 
Инспирирани од патувањата околу светот на Филеас Фог, секоја година се собирате со пријателите да раскажувате за патешествијата и авантурите кои сте ги имале, се додека еден ден не решите да ги направите работите поинтересни... За облог од еден милион долари се натпреварувате со пријателите, кој ќе посети највеќе градови со железница низ цела Северна Америка во период од седум дена.
Автор: Alan R. Moon Производител: Days of Wonder Бројна играчи: 2-5 Времетраење: 45 минути Возраст: 8+ 
Во Ticket to Ride играчите се обидуваат да освојат што повеќе поени со поврзување на градови со железница. Има три начини на кои освојувате поени: со поврзување на два соседни градови со возови со поврзување на два градa кои се истакнати на вашите карти со мисии (тикети за дестинација) со направена најдолга железница, која се состои од најмногу поврзани вагони. На почетокот, сите играчи добиваат по 45 вагони од својата боја, четири карти од заедничкиот шпил и по три тикети за дестинација. Заедничкиот шпил е составен од карти во седум различни бои и џокери кои ја заменуваат било која боја. Со овие карти во текот на играта ќе поврзувате соседни градови со тоа што треба да изиграте одреден број на карти од бојата која е назначена на таблата.  На својот потег играчот има три избора: Поврзување два соседни градови со вагони (oваа акција се прави така што после играњето на потребните карти, ставате и соодветен број на вагони од вашата боја на пругата меѓу двата града) Влечење на две нови карти Влечење на нови тикети со дестинација (тикетите со дестинација всушност преставуват мисии кои на крајот ви носат поени ако сте успеале да ги поврзете назначените градови) Кога на некој играч на крај од потегот ќе му останат нула, еден или два вагона во неговото купче, сите останати играчи добиваат уште еден последен потег. Потоа ги собирате останатите поени од мисии и најдолга железница и играчот со најмогу поени е победник. Ticket to Ride спаѓа во категоријата на игри со мала или среднa комплексност, што значи дека правилата се лесни и набрзина може да се впуштите во играта, а самите партии траат од 45 до 60 минути. Визуелно изгледа одлично и компонентите се квалитетно изработени, што е карактеристика на сите игри на производителот Days of Wonder. Механиките се едноставни и дозволуваат влијание на среќа во играта, поради што малку е тешко да се планира однапред. Но, од друга страна ова доведува до интересни конфликти меѓу играчите, а малата хаотичност се надминува лесно со добра стратегија. Ако ви се допаѓа темата, сигурно би ви ја препорачал Ticket to Ride, особено ако првпат се среќавате или пак немате големо искуство со друштвени игри. |